Ноле во неверување: Не знам дали некогаш ова ми се случило

Доминик Тим е првиот финалист на завршниот Мастерс турнир во Лондон, откако со 2:1 во сетови славеше над Новак Ѓоковиќ. Мечот траеше речиси три часа и беше неверојатно драматичен, а на крајот Тим се радуваше на победата.

Во решавачкиот трети сет се играше тај-брејк, а Ѓоковиќ имаше предност од 4:0. Сепак наместо лесно да стигне до седмиот побендички поен, се случи чудо. Тим освои шест поени во низа и на крајот со 7:5 го доби тај-брејкот а со тоа се пласираше и во финалето. Србинот по мечот едноставно не можеше да верува што му се случи.

„Неверојатно е тоа што го направив по водството од 4:0 во тај-брејкот. Не мислам дека играв лошо. Мислам дека имав добар прв сервис, но Доминик жестоко ги напаѓаше сите топки. Го контролирав мечот и кога поведов со 4:0 помислив дека сум блиску до победата, но Доминик ми го одзема триумфот. Беше храбар и функционираше многу добро“, вели Ѓоковиќ, кој не можеше да се сети на некој пораз на сличен начин.

Србинот одбрани вкупно пет меч топки, но Австриецот не се откажа и од шестиот обид го доби поенот што значеше и пораз на Ѓоковиќ.

„Не знам дали некогаш ми се случило нешто вакво. Некогаш едноставно ќе ги затвориш очите и ќе одиграш со цела сила. Му честитам на храброста на Тим. Ги удираше топките со цела сила и сите беа прецизни. Тоа што успеа да се врати по негатива од 0:4 е голем подвиг и јас му симнувам капа и му честитам“, завршува Ѓоковиќ по неверојатното полуфинале во Лондон.

 

- Оглас -

Најнови вести