Селекцијата на Норвешка го задржа максималниот ефект на Светското првенство што се одржува во Полска и Шведска и со победата од 30:17 над Катар си обезбеди пласман во четвртфиналето.
Ова беше втора победа на Норвежаните во главната фаза, и во последното трето коло дуелот против Германија ќе одлучи кој ќе биде прв во групата 3.
Норвежаните фуриозно го започнаа натпреварот со 5:0 и оваа предност ја одржуваа до крајот на првото полувреме (14:9). Во вториот дел, по само осум минути, Норвешка поведе со 19:11 и ги урна и теоретските шанси на Катар да дојде до сензација.
На крајот, Норвешка славеше со убедливи 13 гола разлика (30:17).Кристијан Бјорнсен и Горан Јоханесен со по шест гола беа најдобри кај Норвешка, додека вп редовите на Катар се истакна Абделрахман Тареј Абдала постигна пет гола.
Хрватска очекувано ја совлада Белгија со 34:26 и остана во трка за квалификациите за пласман на Олимписките игри во Париз 2024.
Најефикасни кај Коцкестите беа Мартиновиќ и Главаш со по пет гола, додека Керими, Котерс и Робинс дадоа по четири за Белгија.