Норвешка се доближи до пласман на Светското првенство откако синоќа славеше со 4-1 против Естонија. По два гола за Норвежаните постигнаа Александер Сорлот и Ерлинг Халанд.
Напаѓачот на Манчестер сити уште еднаш потврди дека е во одлична форма, а светските медиуми пренесуваат и што направи по победата на неговата репрезентација.
По натпреварот, 25-годишниот Халанд, кој стигна до својот 30-ти гол оваа сезона, беше снимен како носи огромна нарачка во соблекувалната, на големо воодушевување на соиграчите.
Англиските медиуми пишуваат дека ги почестил со 70 чизбургери, а неговиот соиграч Сандер Берге го проследил тоа со зборовите: „Силна изведба од нашиот капитен.“
Победата на Норвешка беше обезбедена само за 12 минути во второто полувреме. Сорлот погоди во 50-тата и во 52-рата минута, по што Халанд двапати се запиша во листата на стрелците, реализирајќи во 56-тата и во 62-рата минута. Естонија до крајот успеа да постигне само почесен погодок.

