Реномираниот британски медиум „Тајмс“ објави дека Ерлинг Халанд ќе биде нов фудбалер на Манчестер сити и веднаш ќе биде и најплатениот играч во Англија.
Според извори на „Тајмс“, трансферот веќе го потврдиле и од таборот на Борусија Дортмунд, клуб што ќе добие отштета од 75 милиони евра, колку што е клаузулата во договорот што го имаат со Норвежанецот.
Манчестер сити ќе му плаќа неделна плата на Халанд во висина од 600 илјади евра, што е за еден и пол пати повеќе од сегашните рекордери Кристијано Роналдо и Кевин де Бројне, кои седмично имаат по 400 илјади евра од Манчестер јунајтед, односно Манчестер сити.
Халанд има 21 годинa и во 2020 година дојде во Борусија од редовите на Салцбург за сума од 20 милиони евра.
Матичен клуб му е Брин, а во Норвешка играше и за Молде, па Манчестер сити би му бил петти клуб во кариерата.