Фудбалерите на Нотингем Форест се пласираа во полуфиналето на ФА купот на Англија. Тие на гостувањето во дуелот од четвртфиналето го победија Брајтон со 3-4 по изведување пенали. По 120 минути игра немаше голови.
Шумарите никогаш во својата историја не изгубиле серија пенали во ФА Купот, а ова им е трета победа на тој начин во тековната сезона.
Во полуфиналето ќе играат по пауза од цели 34 години, а со оваа победа потврдија дека играат сезона од соништата. Нотингем во Премиер лигата се наоѓа на одличната трета позиција и многу е блиску до пласман во Лигата на шампионите.
Мечот во Брајтон беше вистински „војна“, немаше многу шанси, домаќинот имаше малку поголема иницијатива, но одбраната на гостите делуваше без грешка.
На крајот мораше победникот да се одлучи со изведување пенали, а тука Нотингем Форест е неуништлив.
Претходно денес, во полуфинале се пласираше Кристал Палас, кој на гости го победи Фулам со 0-3.
Утре на програмата се уште два меча од четвртфиналето, а ќе се сретнат Престон – Астон Вила и Борнмут – Манчестер сити.