Нов дебакл на Работнички во АБА 2 лигата

Работнички немаше никакви шанси на гостувањето во Сараево и загуби убедливо од Босна со 84:58 во меч од четвртото коло од АБА 2 лигата. Работнички не само што нема ниту една победа во досегашниот дел од натпреварувањето, туку тоа е убедливо најслабиот тим во цела АБА 2 лига и има негативна кош-разлика од 252:347 (минус 95). Тоа значи дека Работнички на овие четири средби во просек губи со речиси 24 разлика.

Само во првите неколку минути Работнички даде отпор против Босна, кога беше 10:10. Потоа следуваше серија од 10:0 за домаќините, кои по првата четвртина имаа предност од 25:16. Во втората четвртина Работнички постигна само пет поени, а Босна немаше милост и стигна до 25 разлика на полувреме (46:21).

Предноста на Босна стигна и до 35 разлика во третата четвртина, кога беше 67:32, па до крајот на дуелот домаќините без многу мака, со рутинска игра ја задржаа високата предност и стигнаа до лесна победа.

Полутак со 19 поени беше прв стрелец кај Работнички, а Дубински даде девет поени.

- Оглас -

Најнови вести