Македонската фудбалска репрезентација ја чекаат последните два меча од квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија. Нашата репрезентација нема шанси за пласман на континенталниот собир, но тоа не значи дека не треба да покаже сила и квалитет во дуелите со некогашните светски прваци.
Македонија најпрво на 17 ноември ќе гостува во Италија, а три дена подоцна на гости во Скопје ќе дојде селекцијата на Англија. Во пресрет на овие два меча, ФФМ се соочува со еден проблем кој од претходно беше присутен. Официјалната фејсбук-страница на ФФМ под името „Фудбалска репрезентација на Македонија“ едноставно во моментов не постои на социјалната мрежа, каде што голем број фанови се информираат.
Ова не е првпат ФФМ да има проблеми со најголемата социјална мрежа каде што официјалната страница има над 130.000 следбеници. Само до пред два месеца оваа фејсбук-страница на „Фудбалската репрезентација на Македонија“ беше подолг период хакирана, а тогаш портпаролот на ФФМ објасни дека се работи за хакерски напад.
Во тие неколку месеци, непознати лица на ФФМ страницата на ФБ споделуваа најразлични постови коишто немаат никаква заедничка точка со македонската репрезентација, ниту со македонскиот фудбал воопшто.
Во пресрет на два меча со светски гиганти како Италија и Англија, навистина непрофесионално и несериозно ќе делува ако ФФМ повторно остане без официјалната фејсбук-страница, која за многумина е главно место за информирање, но треба да биде и за промоција на ФФМ активностите и сите дејности поврзани со фудбалската репрезентација.