Продолжува трансферната сага околу иднината на Џек Грилиш. Манчестер сити е решен да се раздели со англискиот офанзивец, кој веќе подолго време не е дел од плановите на Пеп Гвардиола.
Грилиш не беше повикан ниту за Светското клупско првенство, што дополнително ги засили шпекулациите дека неговото време на „Етихад“ е завршено. Од клубот активно работат на пронаоѓање нова средина за 29-годишниот фудбалер.
Интерес за поранешниот играч на Астон вила има од неколку клубови од Премиер лигата, а најново име кое се приклучи во трката е Вест хем. Чеканите сериозно размислуваат да го донесат Грилиш, но нивниот најголем проблем би можела да биде неговата плата, која изнесува околу 300.000 фунти неделно.
Според англиските медиуми, токму финансискиот аспект е пречка за Греам Потер и раководството на Вест хем. Сепак, не се исклучува можноста клубот од Источен Лондон да се обиде да го ангажира Грилиш на позајмица до крајот на сезоната, што би била поприфатлива опција од економски аспект.
Развојот на ситуацијата се очекува во наредните денови, а Грилиш би можело да биде едно од поголемите имиња на летниот трансфер-пазар во Англија.