15.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Нов нокаут за европскиот првак, Веспрем се прошета до лесна победа во Скопје

Вардар претрпе нов тежок пораз во Лигата на шампионите, трет по ред со висока разлика, а вечерва лесно во Скопје победи Веспрем со 38:29.

Гостите од Унгарија немаа никакви проблеми да слават. Постигнаа дури 38 погодоци и се заканија дека ќе го урнат црниот рекорд на Вардар со 41 примен гол од Барселона во 2003 година.

Уште по првото полувреме беше јасно дека Веспрем е голем фаворит во вакви услови, кога Вардар има многу проблеми со повредите на играчите. Гостите имаа предност од 22:15 по 30 минути игра, а до крајот мирно го приведоа мечот и славеа со 9 гола разлика.

Кај Вардар во целата ситуација која не мириса на арно, добро е што настапи 19-годишниот дебитант Гогов, кој бранеше одлично во второто полувреме и собра пет одбрани.

Павел Атман беше најефикасен со 7 голови кај Вардар, Калараш и Чупиќ постигнаа по 4, но тоа беше премалку да се сопре разиграниот Веспрем.

Ненадиќ со 11 голови, од кои 9 во првото полувреме, беше незадржлив за одбраната на Вардар и беше најефикасен ракометар на мечот. Мачковшек постигна 5, а поранешниот вардаров ракометар Мораеш стаса до 4 гола.

Вардар со 9 бода е на шестото место во Б групата, а следен меч во ЛШ ќе му биде против Кил на гостински терен на 5. февруари.

- Оглас -

Најнови вести