Нов план во Бундеслигата, на стадионите да има над 20.000 гледачи во ера на Коронавирусот

Германската Бундеслигата покажа дека успешно може да се игра фудбал и за време на пандемијата со корона-вирусот. Први започнаа и први успешно го завршија првенството во кое очекувано Баерн Минхен се радуваше на титулата. Сега клубовите имаат пауза, а стартот на новиот шампионат е закажан за 18 септември.

Најавите дека пандемијата нема да сопре, ги натера клубовите да размислуваат за тоа како да стартуваат во новата сезона, но на трибините да има навивачи. Во дел од европските првенства е дозволен редуциран број гледачи, а Германците се надеваат дека во новата сезона ќе има гледачи на трибините.

Доколку драстично не се зголеми бројот на заболени од опасниот вирус во земјата, се очекува клубовите да добијат дозвола за употреба на 50 отсто од капацитетите на трибините. Бундеслигата со години е првенство во кое има најголем број гледачи на трибините во светот, па за најголем дел од клубовите нема да биде проблем да направат организација за отворање на трибините.

Меѓу оние мерки кои ќе бидат задолжителни да се почитуваат ќе биде сите навивачи да носат маски. Нема да биде дозволено внесување храна, а единствено ќе може да се конзумира пијалок. Растојанието ќе мора да биде најмалку еден метар.

Совет за навивачите ќе биде и да го избегнуваат јавниот превоз, а на стадионите да доаѓаат со велосипеди или пешки.

- Оглас -

Најнови вести