Нов пораз за Сенегал: На Мундијалот ќе играат со само една ѕвезда на дресовите

Репрезентацијата на Сенегал ќе настапи со само една ѕвезда на дресовите на претстојното Светско првенство 2026 во САД, Канада и Мексико, иако првично се очекуваше да има две.

Од Фудбалска федерација на Сенегал појаснија дека одлуката нема врска со актуелниот скандал околу одземената титула во Купот на африканските нации. Причината, според нив, е чисто техничка – производството на дресовите од страна на „Пума“ започнало уште во август минатата година.

„Производствените рокови и индустриските ограничувања не дозволија прекин на процесот“, објаснија од федерацијата, алудирајќи на тоа дека втората ѕвезда требало да се додаде по триумфот во јануари.

Но ситуацијата доби драматичен пресврт. Конфедерацијата на африканскиот фудбал преку својата жалбена комисија ја одзеде титулата на „лавовите“, откако утврди дека тимот го напуштил теренот без дозвола од судијата за време на финалето на 18 јануари. Тоа значеше службена победа од 3:0 за Мароко.

И покрај тоа, од Сенегал не се откажуваат од својата верзија на приказната – тврдат дека трофејот е „нивна победа“ и најавуваат дека втората ѕвезда ќе се појави на дресовите веднаш по завршувањето на Мундијалот.

Сенегал по последната одлука останува со само еден освоен трофеј од Африканскиот куп на нации – во 2021 година.

- Оглас -

Најнови вести