9.8 C
Skopje
четврток, 5 февруари 2026

Нов проблем во Чаир, Шкупи со нов челник, а Шверцерите се сомневаат и не се согласуваат

Македонскиот фудбалски прволигаш Шкупи на десетина дена пред почетокот на вториот дел од сезоната, влезе во нов лавиринт околу сопственоста на клубот.

Поранешниот претседател и сопственик Јасин Коњали му предал авторизација и овластување на Беким Бафтијари, но со тоа не се согласуваат инцијаторите за спас на Шкупи, предводени од навивачката група „Шверцери“, па неизвесно е дали клубот ќе продолжи да се натпреварува.

Во писменото обраќање на иницијаторите за спас на Шкупи, се вели:

„Од самиот почеток на нашето вклучување во организацијата на тимот работевме целосно транспарентно. За секоја одлука и секоја активност се консултиравме со нашите навивачи и со стручни лица од соодветните области.

Во средата, во пресрет на пријателскиот натпревар со ФК Арсими, добивме повик од господинот Беким Бафтијари кој нè информираше дека ја презел сопственоста на клубот. За време на пријателскиот натпревар со ФК Арсими, бевме сведоци на фотографија објавена од поранешниот претседател и сопственик Јасин Коњали, со која му честиташе на Бафтијари за преземањето на клубот.

По овој настан добивме бројни реакции од членови и навивачи кои со право изразија загриженост. За време на натпреварот, Бафтијари се појави на стадионот и ни ја покажа авторизацијата што ја добил од поранешниот претседател.

Документот се однесува на застапување на клубот пред институции, но не претставува доказ за пренос на сопственоста или уделите. Вакви овластувања и во минатото имале поединци од раководството. Со тоа, Бафтијари е овластено лице, а не сопственик, и таа одлука може да биде променета во секој момент.

Минатата недела одржавме состанок со него и се договоривме одлуките да се носат заеднички. Повеќепати баравме нова средба, но таа не се реализираше сè додека не ја доби авторизацијата.

Поради лошите искуства од минатото со разни „сопственици“ и „директори“, природно е да постои сомнеж за иднината на клубот. И по објавувањето на фотографијата и документот повторно побаравме појаснување за неговите планови, но добивме само општи одговори без конкретна визија.

Неговите досегашни постапки и јавни активности ги сметаме за нетранспарентни и спротивни на нашите принципи на работа. Поради тоа побаравме потпишување договор за идната соработка.

Имаме одговорност кон навивачите, играчите, стручниот штаб и сите кои искрено соработуваат со нас. Изградивме функционален систем и не сакаме да бидеме дел од процеси со нејасна цел и насока.

За жал, стабилноста во тимот беше нарушена со неочекувани потези, што создаде несигурност кај играчите и стручниот кадар.

Сметаме дека оваа авторизација е уште еден обид на поранешниот претседател да купи време и да избегне вистинско предавање на клубот во пресрет на продолжението на сезоната.

Поради сето наведено, како Совет за спас и враќање на чесноста, достоинството и идентитетот на Фудбалскиот клуб Шкупи, до постигнување писмен договор со овластеното лице, ги суспендираме сите наши активности во и околу клубот.

На овластеното лице му посакуваме успех во обидот да го извлече клубот од тешката ситуација“.

- Оглас -

Најнови вести