Напаѓачот на ПСЖ, Уругваецот Единсон Кавани, веројатно нема да настапи во вторник на гостувањето кај Манчестер јунајтед во Лигата на шампионите. Причина за најавеното отсуство е синоќешната повреда која ја здоби на мечот од француската лига против Бордо.
Кавани во 40 минута даде гол од пенал за победа на парижаните од 1:0, но во финишот на првото полувреме се повреди и остана во соблекувална, а беше заменет со Килијан Мбапе. Ако се потврди неиграњето на Кавани, нападот на „светците“ ќе биде осакатен, бидејќи нема да настапи ниту првата ѕвезда Нејмар, кој ќе го прошушти и реваншот во Париз.
За да не биде сè така црно во пресрет на пресметката со разиграниот Јунајтед кој не знае за пораз откако на тренерското столче седн Оле Гунар Солскјер, добра вест за ПСЖ е што во тимот после тринеделно отсуство се врати фудбалерот за врска Марко Верати. Тренерот Томас Тухел после мечот со Бордо, кажа дека неговиот тим ќе биде подготвен за битка со „црвените ѓаволи“, без или со Кавани, бидејќи предизвикот ќе биде поголем кај играчите кои ќе треба да ги заменат популарните Неј и Еди.