Нов скандал со обложување во Серија А, покрај Тонали, се споменуваат и Ди Марија, Фаџоли…

Во италијанскиот фудбал нема мирување, барем кога се работи за скандалот со обложување. Весникот „Кориере дела сера“ објави дека обвинителството во Милано истражува десетина фудбалери коишто играле во италијанската елита во периодот од 2021 до 2023 година, кои се обложувале на нерегулирани платформи. Останува да се утврди дали се обложувале на фудбалски натпревари.

Имињата на Сандро Тонали и Николо Фаџоли веќе се познати во обложувачки скандали и тие веќе имаат суспензија за настап на одреден период. Сега повторно овие имиња се во фокусот, но по разговорите од нивните телефони, се доаѓа и до други инволвирани.

Меѓу оние кои се под истрага, покрај двајцата, има имиња како што се светските шампиони со Аргентина и поранешните играчи на Јувентус, Анхел ди Марија и Леандро Паредес, сегашниот играч на Фиорентина, Николо Заниоло (тогаш дел од Рома), сегашните играчи на Бјанконерите, Матија Перин и Вестон Мекени, фудбалерот на Милан, Алесандро Аталан, бранителот на Интер и Флоренхент, Торино), играчот од средниот ред на Торино, Самуеле Ричи (во тоа време во Емполи), дефанзивецот на Лидс, Жуниор Фирпо, играчот на Парма, Матео Канчелиери (во предметниот период беше дел од Верона и Лацио), тенисерот Матео Гиганте и други.

Тонали и Фаџоли особено ризикуваат апсење до три месеци и парична казна до 500 евра од криминална гледна точка бидејќи веќе отслужиле спортски санкции. Сите останати можат да бидат казнети до 250 евра, но доколку се докаже дека се обложиле на фудбалски натпревари, може да им се одземе и правото да играат фудбал на одредено време.

Сите играчи се под истрага за играње на нелегални платформи за обложување и покер (Betsport22.com, Swapbet365.eu, Vipsport360.com, Texinho.com), водени од судија од Серија Д и пријател на сестрата на Сандро Тонали – Пјетро Маринони. Покрај тоа, Тонали и Фаџоли ги рекламираа овие платформи меѓу другите фудбалери, а за возврат сајтовите им враќаа бонуси и им беа намалени долговите.

Наводно фудбалерите си ги подмириле долговите симулирајќи купување часовници „ролекс“ од златарница во Милано – преку банкарски трансфер. Весникот „Република“ ги открива и сумите кои ги платиле дел од играчите – Фаџоли речиси 700.000 евра, Флоренци 155.000, Тонали 57.000 и Канчелиери – 40.000. Италијанската финансиска полиција во акција на двајца менаџери на нелегални платформи за онлајн обложување (Томасо де Џакомо и Патрик Фисера) запленила еден и пол милион евра, а побаран е и куќен притвор за вкупно петмина управители на нелегални обложувалници.

Околу дваесетмина други играчи од помали тимови исто така се под истрага за учество во нелегални платформи, не во фудбалски обложувања, туку во игри кои не се овластени од италијанската агенција за царини и монополи, особено покер игри на онлајн маси.

- Оглас -

Најнови вести