Нов скандал во тенисот: Го фрлаше рекетот, го пцуеше судијата и на крај не сакаше да игра (Видео)

Францускиот тенисер Беноа Пер направи шоу на стартот од Мастерс турнирот во Рим, но не со добра игра, туку со непримерно однесување на теренот. Пер загуби од италијанскиот тинејџер Јаник Синер со 6:2, 6:1, а во текот на целиот меч, Французинот покажуваше непочитување на играта.

Пер неколку пати го фрлаше рекетот во воздух и малку фалеше дури и да го удри главниот судија на столот. Потоа имаше и неколку вербални расправии со арбитерот, а успеа и да упати неколку пцовки на француски јазик. За време на последниот гејм, Пер луто ги удираше топчињата кои завршуваа во мрежата. На последниот поен, едноставно не ни сакаше да игра.

Целиот овој циркуз беше поради тоа што Французинот не добил еден ден плус за подготовка за турнирот. Пер го пропушти Отвореното првенство на САД откако беше потврдено дека има корона-вирус. Поради тоа, тенисерот помина 10 дена во својата соба во изолација и едноставно немаше време да се подготви за турнирот во Рим.

„Имав само едно барање до организаторот, а тоа беше да играм во вторник, а не во понеделник. Така ќе имав дополнително еден ден да се подготвам по сè што ми се случи во Њујорк. За противник имав Италијанец и затоа ме ставија да играм во понеделник“, реагираше Пер на својот твитер-профил.

По завршување на мечот, поразениот тенисер даде саркастична изјава дека е среќен што успеал да одигра цел час.

„Ова беше добар тренинг откако 10 дена немав излезено од соба. Среќен сум што играв дури еден час и пет минути. Јаник одигра многу добро“, рече Пер.

 

- Оглас -

Најнови вести