МЗТ Скопје Аеродром е освојувач на кошаркарскиот Суперкуп на Македонија откако во „СРЦ Кале“ славеше над ТФТ со 95:82 . Со оваа победа, аеродромци го одбранија тронот во Суперкупот и по петти пат во македонската кошаркарска историја се радуваа на овој трофеј (претходно го освојуваа во 2003, 2015, 2016 и 2021). ТФТ првпат играше во Суперкуп и не успеа да се израдува.
Актуелниот првак МЗТ Скопје Аеродром уште од почетокот на мечот покажа дека е решен да победи. При резултат 15:11, аеродромци со низа од 9:0 стигнаа до двоцифрена предност од 24:11, а на крајот од првата четвртина МЗТ водеше со убедливи 29:14.
Во втората четвртина фаворитот ја чуваше предноста, па на полувреме беше 47:34. МЗТ во 27-мата минута стигна до најубедливи 69:48, но ТФТ не се предаде. Освојувачот на Купот ја топеше негативата, стигна до 85:80 на три минути до крајот, но следуваа две тројки на МЗТ, па аеродромци мирно го доведоа дуелот до крајот. Интересен момент се случи пред крајот на третата четвртина, кога Андреј Магдевски си постигна автокош.
Страхиња Мицовиќ со 27 поени, Мајк Кафи со 18 и Дамјан Стојановски со 18 поени беа предводници кај победничкиот тим. Андерсон со 20 поени беше прв стрелец кај ТФТ.