Екипата на Барселона со вчерашниот пораз од Баерн Минхен од 0:3 е елиминирана од Лигата на шампионите и настапите ќе ги продолжи нокаут-фазата во Лигата на Европа, а денеска нов удар доби еден од капитените на тимот, Жарарт Пике.
Шпанската влада воведе нов член во законот кој медиумите го нарекоа „Анти Пике“ закон.
Имено, изменет е членот 37 од Законот за спорт така што сега на спортистите им се забранува да бидат комерцијално поврзани со натпреварувањата во кои играат.
Оваа промена на законот е направена по контроверзиите што беа предизвикани со организацијата на шпанскиот фудбалски Супер куп во Саудиска Арабија.
Фудбалската федерација на Шпанија организацијата на Супер купот ја препушти на компанијата Космос, која е во сопственост токму на Пике.
Договорот беше вреден 24.000.000 евра, но предизвика големи контроверзии и реакции бидејќи многумина веруваа дека станува збор за конфликт на интереси.
За да нема во иднина вакви работи, интервенираше шпанската влада со измена на законот.