Реал Мадрид убедливо со 4-1 славеше на гости кај Валјадолид, но кога игра Кралскиот клуб, едноставно мора да има некоја ситуација со ВАР. Така беше и синоќа. Домаќините дадоа гол во 13-тата минута, но ситуацијата беше спорна, па главниот арбитер Хесус Хил побара помош од колегите во ВАР-собата.
И додека играчите стоеја на теренот чекајќи одлука дали треба да се тргне од центарот или од пред голманскиот простор, судијата остана збунет. Наместо да добие одговор за тоа дали имало офсајд или не, во ВАР-собата немаше никој. Луѓето кои се задолжени да ги прегледуваат спортните ситуации, едноставно не беа на своите места. По малку смешната ситуација може да ја погледнете ТУКА.
Хил трпеливо чекаше одговор за тоа дали треба да признае гол или да покаже недозволена ситуација. Подоцна челниците на шпанската лига се обидоа да ја објаснат чудната ситуација велејќи дека на стадионот постојат повеќе ВАР-соби, а режисерот дал слика од таа во која не биле судиите. Подоцна била пуштена слика од вистинската ВАР-соба.
Помошта за главниот арбитер конечно стигна и погодокот на Валјадолид оправдано беше поништен.