Ливерпул и вторпат за само пет часа го совлада Атлетик Билбао на „Енфилд роуд“. За разлика од првиот меч кој заврши со убедлива победа на англискиот шампион со 4-1, на вториот натпревар беше далеку понеизвесно за конечни 3-2 за „црвените“.
Ако на првиот натпревар двајцата тренери играа со комбинирани постави, гледачите на „Енфилд роуд“ вечерва имаа можност да уживаат во мајсториите на првите екипи на Ливерпул и Атлетик Билбао.
Мохамед Салах уште во 14-тата минута го отвори резултатот и го донесе Ливерпул во водство од 1-0.
На 1-1 израмни Ојхан Сансет во 29-тата минута, па тој резултат остана се до паузата.
Во вториот дел уште три погодоци на „Енфилд“. Коди Гакпо најдобро се снајде пред противничкиот гол во 55-тата минута и го донесе Ливерпул во ново водство, овојпат од 2-1.
Радоста на „црвените“ траеше само девет минути, бидејќи Марун Санади во 64-тата минута повторно го израмни резултатот, овојпат на 2-2.
Сепак, на крајот нова победа за Ливерпул, а најзаслужен за тоа беше Коди Гакпо, кој во 70-тата минута го постигна својот втор гол на овој меч, за победа од 3-2.
До крајот на натпреварот можеше да биде и поубедливо, но Мохамед Салах не успеа да реализира пенал.
Се на се, навивачите на „Енфилд роуд“ беа сведоци на вистински спектакл кој траеше повеќе од пет часа, 10 гола, но и евакуација на трибините поради безбедносен аларм.