Реал Мадрид го држеше местото кое директно води кон осминафиналето на Лигата на шампионите пред гостувањето кај Бенфика, но доживеа шокантен пораз во Португалија. Иако поведоа со 0-1, Кралевите на крајот загубија со 4-2. Овој неуспех значи дека сега ќе мора да играат плејоф за пласман во нокаут-фазата.
Ситуацијата во клубот е далеку од идеална. Неодамна поради лоши резултати беше сменет тренерот Чаби Алонсо, а на негово место дојде Алваро Арбелоа. Сепак, изгледа дека и тој не успеал да го поправи резултатот, па неговото останување на клупата за следната сезона е апсолутно неизвесно.
„Не успеав да ги натерам играчите да го покажат нивото кое го очекував“, изјави Арбелоа.
По поразот, атмосферата во соблекувалната била напната. Според медиумите, претседателот Флорентино Перес лично се обратил до петмина фудбалери, незадоволен од нивното однесување и пристап. Еден од играчите на кои претседателот посебно се фокусирал е Џуд Белингам. Се тврди дека Перес го критикувал за недостиг на лидерство на теренот и побарал од него да стане водечка фигура во тимот.
Постои голема загриженост за општиот однос и нивото на игра на тимот, особено имајќи го предвид фактот дека Реал Мадрид не освоил значаен трофеј од сезоната 2023/24. Перес јасно им дал до знаење на играчите какви резултати очекува.
По неуспехот против Бенфика во ЛШ, Реал Мадрид го очекува домашен дуел против Рајо Ваљекано во недела во Ла Лига.

