Милиметарските офсајд-позиции може да заминат во историјата доколку на следниот состанот на челниците на светскиот фудбал биде прифатен предлогот на Арсен Венгер. Легендарниот тренер на Арсенал сега е шеф во ФИФА за голбален развој и се обидува да го намали негативниот ефект од воведувањето на ВАР-системот и мерењето на милиметарските офсајд-позиции.
Венгер сака да се воведе промена во офсајд-правилото, кое вели дека ако играчот кој напаѓа е напред со кој било дел од телото, дури да е и за милиметар, ситуацијата е недозволена. Идејата на Венгер е да не се суди офсајд ако играчот само со еден дел од телото со кое може да се даде гол е во иста линија со одбранбениот играч. Тоа значи дека напаѓачот може да биде и со неколку сантиметри во офсајд, но ако еден дел од ногата му е во линија со дефанзивецот, тогаш тоа да не е офсајд.
„Сите се незадоволни од актуелните правила. Имате офсајд од неколку сантиметри, а голот се поништува и во ситуација кога и носот ти е во офсајд. Време е да се промени нешто“, рече Венгер.
Доколку биде усвоено новото правило, тоа ќе започне да се применува од Европското првенство кое ќе се игра летово.