Шахтар ја совлада Олександрија со 3-2 и создаде недостижна предност од 19 бода пред ривалот Динамо Киев, кој има и еден меч помалку, па клубот од Доњецк дојде до четврта шампионска титула по ред.
Со оваа титула, Шахтар сега има 35 трофеи во своите клупски витрини, со што го надмина Динамо кој од осамостојувањето на Украина наваму, има 34 пехари од сите натпреварувања. Сепак, кога станува збор само за шампионски титули во Украина, Динамо е подобар и има 15, а Шахтар е на 13. Динамо може да изедначи на 35-35 ако го освои Купот на Украина во финалето кое треба да го игра наскоро. Ако се смета периодот кога Украина беше дел од СССР, тука киевчани се доминантни, имаат 28 трофеи од кои три се европски, наспроти само 5 на Шахтар.
Освен Динамо и Шахтар, трофеи во Украина имаат освојувано само уште Таврија, Черноморец Одеса и Ворскла, но никој од овие клубови нема повеќе од два пехари.