Нова трагедија се случи во Грција поврзана со фудбалот. Навивач на ПАОК бил убиен во Солун во четвртокот вечерта. Според информациите од Солун, младиот навивач на ПАОК починал како последица на ранување по бруталниот напад кој се случил во населбата Каламарија.
Како што пренесуваат грчките медиуми, тројца маскирани напаѓачи поставиле заседа за 22-годишното момче кога дошло до крвава физичка пресметка. Во нападот, несреќното момче било избодено со нож во грб.
Според очевидци, момчето веднаш паднало на земја, додека случајните минувачи се обиделе да му дадат прва помош. Потоа бил пренесен во болница, каде лекарите се бореле за неговиот живот, но не успеале да го спасат и починал два и пол часа по нападот.
Полицијата е во потрага по тројцата осомничени за овој крвав и трагичен напад.

