Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ обезбеди пласман во третото коло на турнирот во Бања Лука откако многу потешко од очекувањата славеше над 18-годишниот Французин, Лука ван Аш. Новак до победата дојде во три сета, и тоа со пресврт 6:7,6:3,6:2.
Самиот почеток на мечот покажа дека Ван Аш не се исплаши од Ѓоковиќ и сакаше да се надигрува со Србинот, а навивачите уживаа во долги размени и одлични потези на двајцата тенисери. Првиот сет му припадна на Ван Аш, кој прво во 12-тиот гем спаси три сет топки на свој сервис, а потоа во тај-брејкот направи два мини брејка и го освои сетот со 7:4.
Во вториот сет, Новак Ѓоковиќ заигра како што очекуваат фановите во Бања Лука од него, во третиот гем направи брејк, а дилемите ги разреши во деветтиот гем со уште еден брејк за израмнување во сетови.
Новак во третиот сет дури трипати го одзеде сервисот на противникот и на крајот славеше со убедливи 6:2 и во следното коло ќе игра против подобриот од дуелот Лајовиќ – Барере.