Новак фуриозно ја започна Новата година, го демолира Французинот во Австралија

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ фуриозно ја започна новата 2023 година откако со 2:0 во сетови, и тоа со 6:3,6:2 го победи Французинот Констан Лестиен на стартот од турнирот во Аделаида, кој ќе му претставува последна проверка пред настапот првиот годинешен гренд слем турнир, Австралија опен кој започнува на 16 јануари.

Ѓоковиќ не му даде никакви шанси на Французинот и за 74 минути игра му дозволи да освои само пет гема.

Првиот сет беше решен во шестиот гем, кога Ѓоковиќ направи брејк за 4:2 и потоа со одличен сервис ја задржа предноста до крајот. Во вториот сет, Новак поведе со 4:0 во гемови и сосема заслужено дојде до првата победа во поединечна конкуренција во 2023 година.

„Не можам да се жалам, одигра добар меч. Израмнето беше во првите шест гема бидејќи играв против тенисер кој не прави многу грешки. Морав да го кренам квалитетот на играта и мислам дека одиграв добар меч“, изјави Ѓоковиќ по триумфот.

Пласман во второто коло обезбедија и останатите фаворити, Данил Медведев, Карен Качанов и Јаник Синер, кој беше подобар од Кајл Едмунд во два сета.

Противник на Ѓоковиќ во второто коло на турнирот во Аделаида ќе му биде уште еден Французин, Кентан Халис.

- Оглас -

Најнови вести