Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека повредата што го мачеше за време на настапот на Отвореното првенство на Австралија веќе е санирана и ќе настапи на турнирот во Дубаи, Обединети Арапски Емирати.
„Што се однесува до повредата која ја заработив пред Отвореното првенство во Австралија, таа е санирана. Не сум сто отсто заздравен, но се приближувам до тоа. Работите изгледаат добро и охрабрувачки. Донесовме одлука да настапам на турнирот во Дубаи“, изјави Ѓоковиќ на прес-конференцијата што ја одржа во неговиот тениски центар во Белград.
Ѓоковиќ уште еднаш повтори дека не ја лажирал повредата за време на настапот на првиот годинашен гренслем-турнир и дека медиумите направиле фама од тоа.
„Приказните се секогаш присутни, не само во мојот случај туку и кај останатите спортисти. Спортист кој бележи одлични резултати, секогаш ќе има критичари кои шпекулираат дали е веродостојно или не. Немам енергија, желба или време да се занимавам со секоја приказна или шпекулација што ќе се појави на интернет. Јас ја знам вистината. Некои луѓе се јавија, вклучително и самиот директор, кој кажа каква е повредата. Австралија беше местото каде што ги имав моите најдобри резултати. Иако имав краток престој минатата година и ја напуштив земјата, додека заминав, имав желба да се вратам. Го чувствував притисокот надвор од теренот, особено првите неколку недели додека не се навикнав на тоа. Имаше ситуации за време на турнирот кои не ми беа пријатни, но тоа е составен дел од моето патување и тогаш победата е послатка“, вели Новак.
Србинот изјави дека сè уште не е сигурен дали ќе може да настапи на првите турнири од Мастерс серијата 1000, во Индијан Велс и Мајами. Причина за тоа е одлуката на владата во САД да не дозволи влез во земјата за невакцинирани лица од корона-вирус. Белата куќа потврди дека ќе ја укине оваа одлука во април, додека турнирите во Индијан Велс и во Мајами ќе се играат во март.
„Сè што знам е дека процесот е во тек. Ова се настани кои се надвор од моја контрола. Би сакал да играм и мило ми е што добив одобрение од директорите на турнирите во Мајами и Индијан Велс. Се надевам дека тие што одлучуваат, ќе донесат позитивна одлука“, додаде Новак.