Најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, најверојатно ќе ја има функцијата да биде селектор на Србија на претстојниот АТП Куп во Сиднеј. Ова го потврди Виктор Троицки, кој нема да патува во Австралија.
„Јас како селектор на ова натпреварување немам многу влијание и не верувам дека ќе одам. Селекторот на ништо не одлучува затоа што првиот и вториот рекет по автоматизам играат во сингл-мечевите. Тука нема да има никаква промена. Само ако некој од нив се повреди, може да има замена. Засега нема да патувам во Сиднеј. За дубл мечевите постои договор и тука можам да имам влијание. Од друга страна, според правилата, ако нема селектор, тогаш првиот играч на репрезентацијата може да ја преземе селекторската функција и да одреди кој ќе игра во дубл. Тоа секако е Новак“, објасни Троицки.
Србија е прв победник во историјата на АТП купот. Новото издание на АТП Купот во Сиднеј ќе се игра од 1 до 9 јануари во Сиднеј. Србија е во група со Норвешка, Чиле и Шпанија.