Новак Ѓоковиќ со победата во два сета над Карлос Алкарас (6:3,6:2) во полуфиналето на завршниот АТП Мастерс турнир во Торино, си закажа пресметка за трофејот со Јаник Синер кој претходно го победи Данил Медведев во три сета.
Ѓоковиќ беше задоволен од играта против Алкарас и најави лудо утрешно финале (18 часот) против Синер кој беше подобар во дуелот од групната фаза и славеше со 2-1 во сетови.
„Мислам дека ми беше најдобриот меч тука во Торино. Првите три меча во групата ги играв во три сета и се мачев во сите нив. За промена, беше убаво да се победи во два сета и тоа против неверојатен играч. Карлос вршеше притисок, имаше брејк шанси на стартот и се виде дека беше подготвен. Успеав да издржам и при резултат 4:3, го натерав да има по некој удар повеќе и почна да греши. Потоа одиграв перфектно, направив брејкови, имаше атрактивни поени. Задоволен сум од мојата игра и се надевам дека ќе ја повторам во финалето. Јаник Синер игра одлично. Игравме во групата и тоа беше интензивен меч. Очекувам утре да биде уште полудо бидејќи е финале. Сум бил во вакви ситуации и знам што треба да направам“, изјави Ѓоковиќ по победата.