Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, денеска на дружењето со новинарите во Белград, откри дека повредата е минато, а притоа упати порака до конкурентите, дека никогаш нема да се задоволи со одреден број на освоени гренслем титули.
„Не постои број на гренслем титули што може да ме задоволи. Немам конечен број, немам граница во однос на возраста до која ќе играм. Гладот за освојување на трофеи е присутен, како и страста за победа. Го сакам тенисот“, рече Новак.
Новак мометно има 22 трофеи од четирите најголеми тениски турнири, исто колку што има и Рафаел Надал. Следна шанса еден од нив двајца да избие сам на вечната листа на тенисери со највеќе гренслем титули ќе биде Ролан Гарос. Негова желба е во финалето на Ролан Гарос да игра токму против Надал.
„Би сакал да играм против Надал во финалето на Ролан Гарос и таму да одлучиме кој е најдобар. Тој е мојот најголем ривал, имаше најголемо влијание врз мене да станам тенисер каков што сум денеска. Тој и Федерер секогаш беа мојот фокус, да размислувам како да ги победам на најголемите турнири. Благодарен сум за ривалството, посебно на тоа со Надал.
Мојата цел е да го освојам Ролан Гарос, но сезоната на земја е долга и напорна“, додаде Ѓоковиќ. .