Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ триумфално се врати на „Род Лејвер арената“ и во првото коло на Отвореното првенство на Австралија во три сета го победи Шпанецот Роберто Карбелјас Баена.
Новак имаше фантастичен пречек од навивачите на централниот терен во Мелбурн, тие со овации го дочекаа враќањето на Новак на Отвореното првенство на Австралија по две години, а по мечот Србинот се заблагодари за поддршката.
https://twitter.com/i/status/1615347808047099904
„Ви благодарам на сите што останавте вака доцна. Ви благодарам за ваквиот прием, се чувствувам среќен затоа што се вратив тука. Имав големи победи на овој терен, се чувствував најдобро во мојата кариера. Колку повеќе победувам, толку ми е поголема самодовербата и секогаш кога излегувам на овој терен е така. Имав среќа да победам многу натпревари на овој терен, затоа ако можам да го бирам местото и времето и еден терен на кој би сакал да играм, секогаш ќе биде ‘Род Лејвер арена’, и тоа во вечерниот термин“, рече Ѓоковиќ.
Новак му се заблагодари и на семејството за поддршката која му ја дава од почетокот на кариерата.
„Сакам да кажам дека ги сакам моите родители и братот. По 15 години, кога ја освоив титулата во 2008 година, тие се повторно тука. Се надевам дека ќе ми донесат среќа и оваа година”, додаде Ѓоковиќ.