Новак проговори за депортацијата од Австралија: Притисокот беше преголем, само сакав што побрзо да си заминам и да се вратам дома

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја отвори душата и раскажа низ што помина на почетокот од минатата година пред да биде депортиран од Австралија.

Новак изјави дека минатата година ги почитувал сите австралиски закони и правила кои земјата ги вовела поради пандемијата на корона-вирусот, но на крајот откако го загуби судскиот спор пред Врховниот суд, беше депортиран.

Ѓоковиќ беше депортиран од Австралија на 16 јануари 2022 година, откако му беше одбиена жалбата на укинувањето на визата. Одлуката да му се укине визата ја донесе тогашниот министер за имиграција, Алекс Хок, кој ја оправда со зборовите дека присуство на невакциниран тенисер во земјата би можело да поттикне да се создаде отпор кон вакцинацијата, но и поради загриженоста за јавното здравје.

„Многу луѓе имаат погрешна претстава за тоа што се случуваше. Имаше уште двајца или тројца кои дојдоа пред мене со идентично медицинско изземање од вакцинација какво што имав и јас. Само ги почитував правилата. Моето изземање го верификуваше независно тело составено од лекари. Влегов во земјата со валидни документи, но потоа сè излезе од контрола и ми ставија разни етикети“, рече Ѓоковиќ во интервјуто за „Канал девет“.

Тој истакна дека неговиот случај добил големо внимание во медиумите.

„Таа сага беше толку голема во медиумите што не можев да се борам против неа. Не сакав да навлегувам во тоа поради големиот притисок и сè што се случуваше, само сакав да излезам од земјата и да се вратам дома. Имав голем притисок, минав неколку недели дома и чекав да се смири ситуацијата. На секоја прес-конференција каде и да играв, новинарите ми поставуваа прашања за тоа што се случуваше во Австралија. Требаше само да бидам трпелив и да чекам.

Србинот вели дека ја разбира огорченоста на Австралијците кои беа против неговото доаѓањето во земјата мината година бидејќи не бил вакциниран против корона-вирусот.

„Морам да кажам дека ги разбирам бидејќи тоа беше фрустрирачки период за многу луѓе низ целиот свет, посебно тука во Австралија, која две години имаше строги мерки. Некои луѓе сигурно се запрашале: Како му било дозволено на овој човек да влезе во земјата без вакцина кога толку многу не можеа? Ја сфатив нивната фрустрација, но медиумите сето тоа го претставија на погрешен начин“, вели Новак.

Новата австралиска влада во ноември минатата година објави дека му ја укинала тригодишната забрана за влез во земјата и му дала виза за да може да настапи на гренслем-турнирот што го освојувал дури деветпати. Пред настапот во Мелбурн, Новак настапи во Аделаида и триумфира на турнирот од серијата АТП 250.

„Бев малку љубопитен да видам како ќе ме примат во Аделаида. Приемот беше фантастичен. Имав неверојатен турнир и огромна поддршка на секој натпревар. Не знам како ќе биде во Мелбурн, но верувам дека ќе бидам прифатен од навивачите.

- Оглас -

Најнови вести