Новак Ѓоковиќ ја загуби правната битка со државата Австралија околу тоа дали смее да влезе во земјата без да биде вакциниран. По повеќе од 10 дена драма, судот утрово и дефинитивно донесе одлука дека Ѓоковиќ треба да биде депортиран и нема да смее да игра на Австралија опен.
Тоа значи дека во Мелбурн ќе има нов шампион, а интересно е тоа дека ако во финалето играат Медведев и Зверев, Србинот ќе не само што ќе го загуби првото место на АТП листата, туку ќе падне на третата позиција.
По одлуката да биде депортиран, Ѓоковиќ ќе мора да плати и соодветна парична казна, но можно е да добие и тригодишна забрана за влез во земјата што фактички би значело и крај на неговите настапи на турнирот во Мелбурн.
Со тоа што не доби „зелено светло“ за настап на Австралија опен, сега Ѓоковиќ е под опасност да пропушти и други големи турнири. На Мастерс турнирите Индијан Велс и Мајами нема никаква шанса да играат тенисери ако не се имунизирани, а така е и за настап на САД Опен.
Засега се знае дека на Ролан Гарос во Париз не се бара играчите задолжително да бидат вакцинирани, а нејасен е статусот за играње на Вимблдон во Лондон.
Пред Новак Ѓоковиќ се тешки денови и тешка одлука дали да остане невакциниран и да ги пропушти сите овие големи турнири што секако ќе значат голем пад во неговата кариера.