Во најскоро време Дони ван де Бек треба да биде промовиран во нов играч на Манчестер јунајтед. За фудбалерот на Ајакс ќе бидат платени околу 50 милиони евра, а потоа треба да биде и промоцијата на Холанѓанецот. Најавено е дека Ван де Бек во Манчестер ќе го одбере дресот со бројот 34, што би имало посебна симболика. Тоа е бројката која во Ајакс порано ја носеше Абделхак Нури, некогашниот најдобар пријател на Ван де Бек.
Нури важеше за голема надеж на Ајакс, но пред три години, на еден пријателски меч против Вердер, доживеа срцев напад. Тогаш 20-годишниот фудбалер едвај успеа да се спаси од сигурна смрт, но беше потврдено дека претрпел трајни оштетувања на мозокот. По две години и девет месеци борба, во март оваа година, Нури успеа да се разбуди од кома, но остана со потешкотии во зборувањето, а уште не може да се движи.
Пред да се случи несреќата, Нури беше во иста генерација со Ван де Бек, Де Јонг, Де Лихт. Френки де Јонг раскажа интересна приказна како ја одбрал Барселона за негов следен клуб по играњето во Ајакс, а вели дека Абделхак Нури е најзаслужен за одлуката да им се приклучи на Каталонците.
Сега и Ван де Бек покажува дека не го заборавил Нури, затоа што и тој му помогнал кога нему му била потребна помош. Братот на Ван де Бек, Роди, имал тумор на грбот, а тогаш Нури многу му помогнал.
„Кога мојот брат Роди беше болен, Апие покажа многу интерес и ми помогна. Уште се прашувам зошто мораше тоа да му се случи нему. Не сакам тоа да се случува никому, но зошто секогаш добрите луѓе настрадуваат? Нури секогаш сакаше најдобро и не го заслужи тоа. Долго време бев бесен поради тоа што бев немоќен да му помогнам“, рече во едно неодамнешно интервју Ван де Бек, кој сега најде начин како да му се оддолжи на својот пријател.