Нови детали од интервјуто на Меси, изненадил со изјава каде сака да се повлече

Утревечер со почеток во 21.25 часот ќе се емитува интервјуто на Лионел Меси за шпанската телевизија „Ла Секста“, а веќе се објавени мали сегменти од разговорот на аргентинскиот фудбалски велемајстор со новинарот Жорди Еволе. Од претходно беше познато дека Меси зборувал за проблемите кои ги имаше летоска, и за тоа дека некогаш сака да биде анонимен, бидејќи вака не може на раат да излезе од дома, а сега излегоа и други детали.

Меси во интервјуто кажува за првите денови во Барселона, за обидот да си замине пред почетокот на сезонава, како се чувствува сега и какви му се плановите за иднина. Најинтересен е последниот дел.

Новинарот Еволе даде интервју во кое меѓу редови, најави дека Меси му кажал дека сака кариерата да ја заврши во САД. Познато е дека интерес за Лео има од Интер Мајами и Еволе беше прашан дали Аргентинецот рекол дека сака да се пензионира во МЛС лигата.

„Меси му кажа многу необични планови за неговата иднина. Бев изненаден од тоа што ми го кажа како сака да ја заврши кариерата. Погледнете го интервјуто, но според вашето прашање, мислам дека добро сте информирани“ – рекол Еволе.

Досега крајот на кариерата на Меси се поврзуваше со Барселона и аргентинскиот клуб Њуелс Олд бојс.

Лео ги пофалил Пеп Гвардиола и Луис Енрике како најдобри тренери кои ги имал, и дека со нив најмногу напредувал тактички, и созреал како играч. Со Гвардиола како шеф, Барса освои 14, а со Луис Енрике девет трофеи. Меси во тие периоди освои и многу индивидуални награди.

- Оглас -

Најнови вести