Португалија на мускули и преку пенал-рулетот обезбеди пласман во четвртфиналето на Европското првенство, но промашениот пенал на Кристијано Роналдо, односно одбраната на словенечкиот голман Јан Облак и солзите на Португалецот сè уште се главна тема во светот на фудбалот.
Поранешниот репрезентативец на Германија, Дитмар Хаман, вели дека Кристијано Роналдо воопшто не е променет и сè уште мисли само на себе.
„Морам да признаам дека и јас во еден момент помислив дека Кристијано Роналдо станал тимски играч. И јас поверував во тие глупости, но се покажа дека не е така. Кога започна да плаче откако не погоди од пенал, во тој момент помислив дека сé уште сè се врти околу него. Никогаш претходно немав видено такво нешто бидејќи кога ќе ги покажеш чувствата, тогаш е готово. Тренерот мораше да рече: мора да излезеш од игра бидејќи не си во состојба да го продолжиш натпреварот“, вели Дитмар Хаман.
Сепак, Германецот признава дека по нереализиран пенал голема храброст е да ја земеш топката и прв да шутираш во пенал-рулетот.
„Морам да кажам дека е голема храброст да се преземе одговорноста и да се шутира првиот пенал. Добро шутираше, беше тоа добар удар. Сепак, приказната дека станал тимски играч е целосна глупост. Тој мисли само на себе“, додава Германецот.