Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе воведе иновативна нова технологија на последниот викенд од машкото ЕХФ ЕУРО 2026: популарниот RefCam, систем на камери монтирани на главата што овозможува поглед од прво лице од перспектива на судиите.
Системот ќе биде имплементиран за време на полуфиналето и натпреварите за медали во Хернинг, Данска, на 31 јануари и на 1 февруари 2026 година.
Видеосигналот од камерата ќе биде достапен во живо на ТВ-преносот, нудејќи им на љубителите на ракометот уникатен и импресивен увид во интензитетот и динамиката на играта додека се одвива.
Овој чекор ветува сосема нов начин да се почувствува брзината, емоциите и физичката природа на ракометот од врвно ниво – гледајќи го спортот низ очите на судијата.
„RefCam ги доближува фановите до акцијата повеќе од кога било досега“, рече секретарот на ЕХФ, Мартин Хауслајтнер. „Неговото воведување ја нагласува пошироката мисија на EHF да прифати најсовремена технологија за емитување и континуирано да го подобрува искуството на гледачите, како во арената, така и за милиони гледачи ширум светот“.
Аудиоснимката ќе им овозможи на навивачите да дознаат како судиите ја водат играта, како комуницираат едни со други и како комуницираат со играчите. Инаку камерата ќе биде лесна, 14 грама, со широкоаголен објектив.
На ЕП ќе има два пара македонски судии и добри се шансите искусните Николов и Начевски, кои се меѓу најдобрите во светот, да судат некој од мечевите на кои арбитрите ќе имаат камери.

