Новинарката на Радиотелевизија Косово (РТК), Ќеќа Крелани, ја најави одлуката на УЕФА за прекинатиот меч од Лигата на нации помеѓу Романија и Косово во Букурешт. Репрезентативците на Косово во судиското надополнување на времето го напуштија теренот поради скандирања „Србија, Србија“ и „Косово е Србија“ и одбија да се вратат на теренот да го доиграат мечот, а Крелани најавува жестоки казни иако косоварите се надеваат дека може да го добијат мечот службено.
„УЕФА наскоро ќе го даде конечниот суд. Да не се надеваме на правда бидејќи УЕФА ќе нѐ казни парично и со одземање бодови. Главниот судија во својот извештај напишал дека фудбалерите на Косово ја одбиле неговата наредба да се вратат на теренот откако претходно тоа го побарал и делегатот на УЕФА. Ако нѐ навредуваа расистички, судијата или УЕФА ќе го прекинеа натпреварот и ќе имаше екстремни казни, но секогаш постојат двојни стандарди. Третиот најважен човек во УЕФА, по Чеферин и Дука, е Србин! Тој лобира против нас, но се надеваме дека Дука (претседателот на ФС на Албанија) ќе застане на наша страна. Мора национално да се мобилизираме и ФС на Косово да ги ангажира најдобрите адвокати и спасот да се бара во ЦАС (Судот за спортска арбитража во Лозана), бидејќи токму ЦАС е единствената адреса на која може да се бара правда, тие одлучуваат независно и непристрасно“, вели Крелани.
Со оглед на тоа дека групната фаза на Лигата на нациите завршува во вторник, нема време за преигрување на натпреварот помеѓу Романија и Косово, па УЕФА ќе мора брзо да донесе конечна одлука. Романците се убедени дека ќе го добијат мечот со службен резултат, додека на тоа се надеваат и на Косово, иако како можна опција е и натпреварот да биде регистриран со 0-0, резултатот кој беше актуелен во моментот на прекинот.