Кошаркарската репрезентација на Македонија веќе ги одработи првте два тренинга во салата „26 април“ во Гевгелија, каде што в четврток и в недела ќе игра против Норвешка и Данска во рамките на претквалификациите за Евробаскетот 2025, а селекторот Александар Јончевски ќе може да смета и на натурализираниот Американец, кој веќе ги одработи првите тренинзи.
На овие две исклучително важни средби се очекува да дебитира Ти-Џеј Шортс, кој пред извесно време го доби македонското државјанство и се стекна со македонска патна исправа.
Шортс, кој е најдобар стрелец во Бундеслигата, ѝ се приклучува на македонската репрезентација во момент кога селекторот за дуелите со Норвешка и Данска нема да може да смета дури на тројца стартери, Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски, кои имаат клупски обврски, и на повредениот Кристијан Николов.
„Пресреќен сум за шансата што ќе играм за селекција како Македонија и сигурен сум дека ќе дадам сѐ од себе за да ја оправдам довербата. Пред нас се исклучително тешки мечеви против Норвешка и Данска и верувам дека ќе одиграм најдобро што можам за да дојдеме до посакуваните победи. Од мене се очекува добро да ја организирам играта, да постигнам што може повеќе кошеви, но и да придонесам да се крене натпреварувачкиот дух во екипата“, изјави Шортс.
Ти Џеј, кој настапува за екипата на Телеком Бон, вели дека не знаел премногу за Македонија пред да добие пасош.
„Мора да признаам дека не знаев ништо посебно за Македонија. Но почнувам да учам и ќе продолжам да се надградувам со цел да се вклопам во новата средина. Слушав одлични работи за селекторот, соиграчите и сигурен сум дека пред нас се добри времиња и успешни резултати“, вели новиот Македонец со американско потекло.