Феникс санс го победи Лос Анџелес клиперс со 115-102 во единствениот натпревар во НБ-лигата кој се одигра рано утрово. Овие два тима ќе играат еден против друг и утревечер, но во Лос Анџелес.
Средбата мина во знакот на Џејлен Грин, кој дебитираше за Санс со 29 поени, и тоа само за 23 минути игра. Ова се најмногу поени за деби во дресот на Феникс уште од Чарлс Баркли во 1992 година. Легендарниот крилен кошаркар на првиот меч за Сонцата уфрли 37 поени.
Грин првите четири сезони во профи кариерата ги мина во Хјустон рокитс, а летоска беше трампан во Феникс, во размената со која Кевин Дурант премина во Хјустон. Грин поради повреда ги пропушти првите осум меча сезонава и кога конечно заигра, беше супер расположен, погоди шест тројки и беше прв стрелец во својот тим.
Девин Букер придонесе со 24 поени и седум асистенции. Кај Клиперс, кој го претрпе третиот пораз по ред, ги немаше ѕвездите Џејмс Харден и Кавај Ленард, а најдобар беше Ивица Зубац со 23 поени и 11 скока.

