Пред неколку дена, Александро (25) го имаше своето деби за бразилската фудбалска репрезентација. Новиот селектор на Бразил, Карло Анчелоти, го откри младиот дефанзивец уште во октомври минатата година. Фудбалерот на Лил играше на натпреварот против Реал Мадрид во Лигата на шампионите и го привлече вниманието на сега веќе поранешниот тренер на мадридскиот клуб со својот стил на игра. Лил го победи Реал со 1-0 на тој меч, а Александро беше еден од најдобрите на теренот.
На квалификацискиот натпревар помеѓу Бразил и Парагвај, бразилскиот дефанзивец беше во почетниот состав и беше еден од најзаслужните за добриот настап на Бразил. Тој играше и во ремито без голови против Еквадор на гости. Откако го победи Парагвај со 1-0, Бразил обезбеди место на Светското првенство кое ќе се игра следната година.
„Ова беше мој прв натпревар како професионалец во Бразил. Чудно, нели? Нема ништо подобро од ова. Деби во Бразил со победа. Овие први денови со Анчелоти беа уникатни. Ќе ги паметам до крајот на животот. Успеав да ги покажам моите способности на оние кои имаа сомнежи. Не многу луѓе ми ја даваат можноста што ми ја даде тренерот“, рече Александро по натпреварот против Парагвај.
Тој ја започна својата кариера во младинскиот погон на Фламенго, но таму не му беше понуден професионален договор. Откако бил одбиен од клубот, тој се нашол во тешка финансиска ситуација и бил принуден да се снаоѓа за да преживее. Некое време собирал ѓубре и работел како уличен продавач.
– Бев без клуб речиси година и пол правејќи бројни проби. И ниеден клуб во Бразил не ме сакаше, па затоа отидов да играм во третата португалска лига. Малку по малку, моето име сега се шири, а мојот фудбал стигнува насекаде, вклучително и во Бразил. „Ова е патот по кој сакам да продолжам“, рече тој.
Александро бил одгледан од самохрана мајка додека живееле во фавелите на Рио де Жанеиро. Семејството се снаоѓало најдобро што можело, собирајќи пластика, бакар и железо за да се прехрани.
– Во мојата куќа немаше туш. Се туширавме со кофи со вода. Не се откажав од фудбалот поради моето семејство. Сакав да им помогнам“, рече Александро во едно интервју од порано.
Бразилецот веќе три сезони е дел од тимот на Лил, а претходно има играно во португалските нискологаши Чивас, Амора и Праиенсе.