Англискиот премиерлигаш Манчестер сити официјално го промовираше новиот гостински дрес за претстојната сезона 2025/26, изработен во соработка со спортскиот бренд „Пума“. Новата гарнитура е во целосно црна боја и е инспирирана од најстариот познат дрес во историјата на клубот.
„Целосно црниот дизајн црпи инспирација од првиот забележан дрес на клубот, комбиниран со метални детали, кои симболизираат безвременската суштина на Манчестер сити. Првиот познат дрес на клубот датира од 1884 година, кога тимот беше базиран во предградието Гортон. Овој симбол на историјата на Сити е преработен во елегантен дизајн кој ѝ оддава почит на историјата и на корените на клубот,“ стои во соопштението на клубот.
A tribute to 1884 🖤
— Manchester City (@ManCity) July 18, 2025
Our 25/26 Away Kit is here! 🌟
Дресот претставува комбинација на класичен и модерен стил, со црна основа, традиционална јака со бел раб и метална клупска значка. Сребрените акценти додаваат естетски контраст, создавајќи впечатлив и префинет изглед на гостинската опрема.
Манчестер сити за првпат ќе го носи новиот дрес на пријателскиот натпревар против италијанскиот Палермо, кој ќе се одигра на 9 август.