Хоселу е новиот херој на Реал Мадрид откако ги постигна двата гола на реваншот против Баерн Минхен и го одведе Кралскиот клуб во финалето од Лигата на шампионите. Хоселу беше резерва и во игра влезе во 81-вата минута, при водство на гостите од 1:0.
Иако имаше само 10-тина минути до крајот, тоа беше доволно за Хоселу да постигне два гола и да донесе ерупција од радост кај домашните фанови на „Сантијаго Бернабеу“.
Интересно е дека Хоселу е во Реал како позајмен играч од Еспањол и се покажа како одличен џокер постигнувајќи неколку важни погодоци, но овие два секако се најбитни. Хоселу е еден од најслабоплатените фудбалери во Реал и неделно добива 48.000 евра. Оваа сума е речиси десетпати помала од платата што ја добива Тони Крос, кој на неделно ниво добива плата од 468.846 евра во Реал Мадрид. Со неделна плата од над 400.000 евра се и Лука Модриќ, Винисиус јуниор, Џуд Белингам и Давид Алаба.
Очигледно е дека Хоселу немал многу дилеми кога му било понудено да заигра за Реал Мадрид затоа што тој од порано бил голем фан на овој клуб. Само пред две години, Хоселу како навивач бил да го гледа финалето од Лигата на шампионите на „Сент Дени“ во Париз, кога Кралскиот клуб го победи Ливерпул.
Пред малку повеќе од 10 години, Хоселу на социјалните мрежи барал и линк за да следи некој натпревар на Реал Мадрид, што е само уште еден доказ колку голем фан бил, а сега му се исполни сонот да биде и херој во една важна победа на најтрофејниот клуб во Европа.