Младиот Лука Ромеро, кој со 15 години и 219 дена стана најмлад дебитант во историјата на шпанското фудбалско првенство, а своето деби го имаше во дресот на Мајорка против најголемиот клуб на светот, Реал Мадрид, предизвика големо внимание во јавноста. Многумина се прашуваат кое е ова дете и зошто го нарекуваат новиот Меси?
Еден од поинтересните детали за клупскиот колега на Александар Трајковски е што Лука можеше да бира за кој национален тим ќе настапува бидејќи има три различни државјанства. Тој е роден во Мексико, каде што неговиот татко Диего, кој е Аргентинец, играше професионално, а живее во Шпанија. Сепак, изборот на Лука беше земјата од која потекнува, тоа е Аргентина.
„Целото семејство ми се Аргентинци, секоја година одам во Аргентина, со задоволство играм за аргентинската репрезентација. Ако ме повикуваат, секогаш ќе ги прифаќам поканите да играм за Аргентина.
Ромеро играше за У-15 селекцијата на Аргентина на првенството на Јужна Америка во декември, даде два гола, ја користи левата нога и затоа го нарекуваат новиот Меси. Да биде уште поинтересно, Ромеро во шпанската лига дебитираше на денот на кој Меси прослави роденден.
Лука има и брат близнак, Тобијас, а кога имал 7 години, бил на проба во школата на Барса, „Ла Масија“, но таму не поминал добро, па се преселил во Малага, каде што учел основно училиште, па во Форментера и на Ибица, а сега е во Мајорка и стана ѕвезда.