Шпанија имаше разочарувачки настап на СП во Катар и беше елиминирана во осминафиналето, а „сметката“ ја плати селекторот Луис Енрике, кој доби отказ. На местото на Енрике беше промовиран Луис де ла Фуенте, кој досега беше на чело на селекцијата до 21 година.
Де ла Фуенте најави дека сега започнува нова ера за шпанскиот фудбал и дека вратата во националниот тим е отворена за сите, а тоа значи и за Серхио Рамос и Давид де Хеа, кои беа изоставени од Мундијалот во Катар.
„Сега почнува нова ера во нашиот фудбал. Имам идеја, а на почетокот да биде јасно дека вратата во селекцијата е отворена за сите. Ми требаше само една секунда да размислам пред да ја прифатам понудата да бидам селектор на Шпанија“, вели Де ла Фуенте.
Новиот стратег имаше порака и до сите навивачи и новинари дека тој е главниот што треба да одбере кои играчи ќе бидат дел од националниот состав.
„Нема да влегувам во дебата за тоа дали треба да игра Рамос или не. Бускетс? Секако дека би сакал да продолжи да игра, но јас искрено не сакам да бидеме нација со 48 милиони селектори, туку со 48 милиони навивачи. Мораме да напредуваме и да бидеме отворени за сите опции. На Светското првенство имаше и некои добри работи“, додаде Де ла Фуенте, кој потпиша договор со шпанската федерација до 2024 година.
Овој искусен стратег веќе со години е дел од шпанскиот репрезентативен фудбал и постепено напредуваше за да стигне да застане на чело на А селекцијата. Со младите селекции до 19 и 21 година, Де ла Фуенте со Шпанија беше европски првак.