„Новиот Рамос“ денеска слави роденден, а има најава дека наскоро ќе стане репрезентативец

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Раул Асенсио, денеска го прославува својот 22-ри роденден, а во шпанските медиуми наголемо се пишува дека следниот месец овој фудбалер ќе се најде на листата на селекторот Луис де ла Фуенте.

Тешко дека ќе добие прилика да дебитира во дресот на Црвената фурија, која е актуелен европски првак. Мечевите со Холандија им се важни и Де ла Фуенте нема да сака да побегне од испробаниот рецепт, но сака да го види на тренинзи и Асенсио за зголемување на конкуренцијата.

Асенсио доби шанса да заигра за Реал поради повредите на Милитао и Алаба, во моментов во аут е и Ридигер, па Асенсио одеднаш се најде во ситуција привремено да биде командант на одбраната на Кралскиот клуб. Од Реал веќе најавуваат дека ќе му дадат нов договор, им треба подмладување на одбраната и ваков играч добро ќе им дојде.

Со неговата борбеност, па и со некои потези и гестикулации, Асенсио потсетува на Серхио Рамос, кој е легенда на Реал, па и селекторот Де ла Фуенте за мартовските мечеви на шпанската репрезентација против Холандија планира да го стави Асенсио на листата.

Не е исклучено тој да заигра прво за У-21 селекцијата на Шпанија, уште има право да игра за младите, но Европското првенство за играчи со 21 година е во јуни, а тогаш Реал ќе игра на Светско клупско првенство и не е обврзан да го ослободи Асенсио за настап на тоа ЕП.

Асенсио деновиве се спомнува и во негативен контекст, вклучен е во еден скандал за наводна дистрибуција на сексуално видео на малолетничка во октомври 2023 година,  процес во кој Раул се води како сведок.

- Оглас -

Најнови вести