Хосеп Марија Берокал е претставен како нов селектор на машката македонска кошаркарска селекција. Шпанскиот стручњак видел желба за напредок.
„Среќен сум што сум тука, чест ми е и привилегија што сум селектор на Македонија. Краток е периодот да се подготвиме за овој циклус квалификации, но на овие два тренинзи видов желба за напредок. Треба да размислуваме на долги патеки, да го унапредуваме тимот. Му бев тренер на Владо Илиевски пред 23 години, преку него ја познавам македонската кошарка, отворен сум, ова ми е десетта земја во која работам, го знам и Војдан Стојановски од Украина. Нашата цел е да направиме максимум“, рече Берокал.
Претседателот на КФМ, Томе Главчев, вели дека ќе се работи на нов систем и проект на долги патеки.
„Голема благодарност што во ваков чувствителен момент се нафати. Пред нас се предизвици. Договорот е повеќегодишен. Сакаме да направиме нов систем во кој нема да биде вклучен само сениорскиот тим, туку да градиме нешто што сакаме во еден момент да дава резултати. Ова е долготраен процес. Пред 15 години бевме на завидно ниво, се надевам дека не треба да поминат 15 години за да се вратиме таму каде што бевме“, Томе Главчев.

„Почнуваме со нова енергија, ја прифатив оваа функција, искуството да го пренесам на екипата. И да направиме систем и исчекор, во иднина очекуваме младите да ги наследат денешните и долги години ќе оставиме нешто по наш систем, начин на работа и постојано да излегуваат нови играчи идни репрезентативци. Берокал е добро решение, карактерот му се вклопува со нашиот менталитет, ги има поминато сите процеси на создавање на играчи, а тоа ни треба“, изјави спортскиот директор на репрезентацијата, Владо Илиевски, кој додаде дека главна причина што ќе го нема Ненад Димитријевиќ се обврски кон клубот во Евролигата, а не немањето желба, но мора да се поклопат некои работи за да игра и веројатно ќе го имаме летово.
„Повторно сум во стручниот штаб, чест ми е. Би кажал дека моја прва импресија е дека позитивно е што тимот има потенцијал. Мислам дека треба тоа што сум го стекнал надвор како искуство, да го пренесам тука. Со промена на тренинг и пристап, може нешто да промениме. Мора ние тренерите да бидеме на највисоко ниво, ако не успееме, не може да очекуваме резултат, а репрезентативната е огледало на клупската кошарка“, рече Ѓорѓи Кочов, кој ќе му биде прв асистент на селекторот.

