Новиот спортски директор на Ливерпул е најпознат по големо промашување, најбараниот напаѓач на светот го продаде за џабе

Јорг Шмадке, 59-годишниот Германец кој последните пет години работеше во Волфсбург, ќе биде новиот спортски директор на Ливерпул.

Неговиот начин на работа во германскиот тим беше поевтино да купува фудбалери и потоа да ги продаде за многу поголема сума.

Во неговата работа нормално е да има грешки и промашувања, а најголема утка во кариерата му е со трансферот на моментно најбараниот напаѓач на светот, Виктор Осимен.

Шмадке во 2017 година за 3,5 милиони евра од нигерискиот клуб Ултимејт страјкерс академи го купи Виктор Осимен.

Во првата сезона во Германија, Осимен не се снајде најдобро и во 2018 година беше испратен на позајмица во Шарлроа. Нигериецот блесна во белгискиот тим и на 36 натпревари постигна 20 гола.

Наместо да го врати назад во Волфсбург, Шмадке во договорот со Шарлроа вметнал клаузула според која белгискиот тим може да го откупи договорот на Осимен за 3,5 милиони евра.

Шарлроа го искористи тоа, го откупи договорот и веднаш му го продаде Осимен на Лил за 22,4 милиони евра.
И Лил добро ги наплати игрите на Осимен во Лига 1, само по една сезона му го продаде на Наполи за 71,5 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести