Одлична есенска полусезона имаше ФК Илинден и е на првото место во општинската лига Гази Баба. Со осум победи и две нерешени, Илинден потврди дека има големи амбиции сезонава. Во пресрет на продолжување на вториот дел од сезоната, вчера од Илинден информираа дека имаат две засилувања во стручниот штаб, а тоа се искусниот Баже Лазаровски и Стево Митровски – Цеко.
Лазаровски кој е некогашен тренер на Работнички, а долги години работи во младинскиот фудбал, верува дека тимот ќе продолжи со добрите резултати.
„Благодарност до управата на ФК Илинден за довербата, но истотака и тренерот и играчите кои го постигнаа овој успех. Очекуваме добра и напорна работа, но и остварување на целта. Клубот има богата историја која треба да ја почитуваме и заеднички да го вратиме клубот таму каде што припаѓа. За сите нас ова е голем предизвик, но и голема обврска. Во тимот имаме млади и перспективни играчи кои ќе дадат се од себе“, рече Лазаровски.
Стево Митровски – Цеко додава дека главна цел на тимот е на крајот од сезоната да се пласира во повисок ранг.
„Наша заедничка цел е да се пласираме во повисок ранг на натпреварување. Задоволни сме од селекцијата, карактерот и квалитетот на играчите со кои располагаме и со нив ќе градиме тим што ќе може да одговори на сите предизвици. Веруваме дека чекор по чекор со квалитетна работа и со поддршка од спонзорите и публиката, ќе успееме да го подигнеме нивото на тимот и да ја оствариме нашата амбиција“, рече Стево Митровски – Цеко.


