Шон Дајш и официјално е претставен како нов тренер на Евертон. Овој стратег доаѓа на местото на Френк Лампард, кој доби отказ по серијата слаби резултати.
Англискиот премиерлигаш игра очајно во Премиер лигата и по 20 одиграни кола, освои само 15 бодови, што е доволно за претпоследното место на табелата. Единствено Саутхемптон е зад нив, но и тој тим има 15 бода.
Главна цел на Дајш ќе биде да го спаси тимот од испаѓање, а тоа е реална опција ако се знае дека Евертон има само два бода помалку од Вулверхемптон, кој е на 17-тото место, позиција која носи опстанок.
„Има квалитет во овој тим, но мора да направиме тој талент да блесне“, беа првите зборови на Дајш на промоцијата. Тој потпиша договор со Евертон до јуни 2025 година.
Дајш е познат по тоа дека со Барнли двапати влегуваше од Чемпионшип во Премиер лигата, а кога ги водеше во елитата, беа пласирани во горната половина на табелата, еднаш ги одведе и во европските купови.
Следен премиерлигашки меч на Евертон е оној против лидерот Арсенал на „Гудисон парк“ на четврти февруари.
Welcome to Everton Football Club, Sean Dyche! 🔵 pic.twitter.com/B8Z7WlIXb9
— Everton (@Everton) January 30, 2023