Англискиот гигант Ливерпул вчера и официјално потврди дека Арне Слот ќе биде нов нивен тренер за следната сезона. Од следниот месец ќе започнат работните обврски на Слот во тимот од „Енфилд роуд“, а договорот е потпишан на три години.
Според медиумите, Слот ќе има многу помала плата од тоа што го добиваше Клоп. Германскиот стратег, кој осум сезони помина на клупата на Ливерпул, годишно заработуваше по 17 милиони евра, додека Слот сега е договорен на плата од осум милиони евра по сезона.
„Тренерот на Феенорд ќе заработува околу осум милиони евра во Ливерпул, а таа сума може да се зголеми доколку успее да освои некој трофеј“, пишува „Де Телеграф“.
Слот доаѓа од тимот на Феенорд, клуб со кој сезоната којашто неодамна заврши стигна до второто место со 84 бода, што не беше доволно да се стигне шампионот ПСВ Ајндховен.